Скриено светилиште со 800-годишна историја, само 15 км од Скопје
На само 15 километри од центарот на Скопје, високо во зелените падини на Скопска Црна Гора, тивко и спокојно почива Манастирот Свети Никита, едно од најзначајните средновековни духовни светиња во Македонија. Ова место, обвиено со мистичност и вековна традиција, сѐ уште крие тајни кои малкумина ги знаат.
Манастирот и неговото чудо
Изграден е кон крајот на 13 век од страна на српскиот крал Милутин, еден од најголемите покровители на православната духовност. Манастирската црква посветена на Свети Никита Исповедник, е вистинско архитектонско и ликовно ремек-дело, со својата византиска архитектура и уникатна фасадна декорација, а внатрешноста е целосно живописана од познатите зографи Михаило и Ефтихиј, ученици на славниот зограф Панселин.
Местото се смета за чудотворно – според локалната предание, каменот пред олтарот, под кој се наоѓаат моштите на светецот, има исцелителна моќ. Многумина веруваат дека молитвите изречени на тој камен се исполнуваат, а токму затоа манастирот го посетуваат верници од целата држава и пошироко.
Легендата за Свети Никита
Свети Никита е роден во Кесарија во Витинија (мала Азија), а младоста ја поминал во монашко подвизување во Мидикискиот манастир. Познат по својата правоверност, скромност и богословска мудрост, станал игумен на својот манастир и подоцна бил гонет и мачен поради одбивањето да ги прифати иконоборните ереси во времето на цар Лав V Ерменин. Никита бил прогонуван, гладен, мрзнат, изложуван на потсмев, но останал непоколеблив во верата. Починал во 824 година, а неговите мошти се покажале како чудотворни уште при самото пренесување назад во манастирот.
Денес – духовна оаза за секој посетител
На 1 Мај 2025, манастирот беше преполн со верници кои одбраа духовно да го прослават Денот на трудот. Со маси и клупи под сенките на дрвјата, музика и молитва, дворот беше претворен во место на спокој, заедништво и душевен мир. Тие што дојдоа подоцна, едноставно се раскомотија на тревата, препуштајќи се на убавината на природата и тишината на светилиштето.
Манастирот Свети Никита не е само архитектонски бисер, туку и место каде времето стои. Со секој чекор по калдрмата, се враќате неколку векови назад, во едно време на духовна моќ и едноставна светост.
Фото: Vlatko Ilievski