Приказна со срце, здравје и вкус од Македонија
Во време кога многумина го бараат лесниот пат со брзи калории, брзи решенија, брзи животи, една млада жена решава да се спротивстави на тој тренд. И не само што го прави тоа успешно, туку и со стил, љубов и инспирација што се прелива во секој залак и секоj Instagram Reel. Ангела е македонска мајка, фитнес тренер и креатор на здрави протеински слатки кои не само што се вкусни, туку носат и порака: дека од дома, со душа, може да се гради нешто што вреди.
Во продолжение, ви ја пренесуваме нејзината инспиративна приказна преку кратко интервју што го направивме со неа како поддршка за малите македонски бизниси кои имаат големо срце.
Во свет каде сите трчаме за брзо и лесно, ти одбра да создаваш нешто здраво и вистинско. Раскажи ни како почна твојата приказна со фитнесот и здравите колачиња?
– Мојата приказна започна од љубовта кон постојаното движење и грижата за телото, уште пред повеќе од 15 години кога почнав да го практикувам фитнесот, а потоа во 2015 и да се лиценцирам за тренер. Љубовта кон спортот направи истата љубов да прерасне и кон здравиот избор на храна. Откако станав мајка сакав да создадам нешто мое, нешто поврзано со фитнес светот и нешто што мене ми недостасуваше: вкусен (здрав) десерт кој нè храни, нè радува, па така се родија моите сирови, домашни бомбици кои се направени со природни состојки и многу љубов.

Можеш ли накратко да ни кажеш како изгледа еден ден во твојот свет и што те тера да не застанеш?
– Уф, ќе се обидам да склопам во неколку реченици. Еден ден кај мене е спој од динамичност, мајчинство, рецепти и многу организација околу домот и тренинзите. Утрата ги почнувам со мојата прекрасна ќерка, па потоа следуваат тренинзи кои се понекогаш онлајн, понекогаш во сала, па подготвување бомбици, пакување, комуникација со исклучителни луѓе (клиенти). Но најбитното е она што ме движи, а тоа е чувството дека создавам нешто вредно за себе, за моето дете и за другите жени. Сакам мојата ќерка да расте гледајќи ја мајка си како се труди, гради и се залага со цело срце во она кое го работи.
Бомбиците и слатки закуски ги правиш со здрави состојки, протеини, љубов и веројатно малку магија. Што е она што ги прави твоите да бидат различни од другите?
– Тие не се само „здрави“, тие се вистински. Секој рецепт, вкус пред да го објавам мора да го тестирам дома и да ми се допадне мене, секогаш внимателно ги избирам состојките кои лично ги користам секој ден. Нема скриени шеќери, не додавам адитиви, кај мене нема компромис со вкусот, не нудам нешто кое ниту јас не би го јадела, секој залак мора да има баланс, текстура и енергија. И да, има и магија, онаа мајчинска, кога правиш нешто и со срце и со раце и уживаш во истото.

Видеата за трудници се полн погодок. Што научи од жените што сакаат да бидат силни и додека носат нов живот во себе?
– Научив дека жените се неверојатни во можеби најделикатниот период од животот, кога растат нов живот во нив. Телото им се менува, но желбата да се грижат за себе и за бебето е силна. Вежбите за трудници пред сѐ не се само за форма, тие се начин да се поврзеш со себе, да го почитуваш своето темпо и да го славиш животот кој го создаваш и најважното да се осеќаш прекрасно, но истовремено и моќно бидејќи ти можеш! Жените во бременоста ме научија на нежност, трпение и моќ која тивко блеска.

Што би им кажала на сите што сѐ уште мислат дека „здравото“ значи „невкусно и досадно“?
– Би им кажала: само не сте го пробале вистинското! Здравото не значи досадно туку значи паметно. Здравиот десерт може да биде вкусен, кремаст, слатка радост после напорен ден. Добро е да правиме избор што го храни телото и ја радува душата.
Македонска жена, во домашни услови, гради нешто свое. Што значи за тебе да се води мал бизнис, но ете, со големо срце и многу љубов?
– Тоа е мојот мал свет кој е создаден меѓу кујната и тренинзите, двете нешта кои се моето секојдневие. За мене, ова не е само работа, туку израз на мојата визија: дека може и поинаку. Со труд, со искреност и со многу љубов. Мал бизнис можеби значи слобода, но и одговорност. Значи дека ја избирам тешката патека, но онаа што води кон нешто што е мое.
За крај, каде може народот да те најде, да нарача, или едноставно да ти даде поддршка?
– Може да ме најдат на моите Instagram профили зависно од потребите @angelajo_fit и @fitmom.coach, каде што редовно споделувам видеа, мотивација и сè што е поврзано со мојот фитнес свет. Додека пак за здравите слатки може да ме најдат на @sweetbite.kar.ma, каде можат да ми пишат директно за нарачка на колачи.

И за крај, јас сум тука за сите што сакаат да направат чекор повеќе кон здрав, исполнет и радосен живот!
Во време кога младите често бараат начин да заминат, постојат и оние што остануваат и градат нешто свое нешто што мириса на какао, се топи во уста, а во себе носи визија, истрајност, љубов и најважно, здравје.
Поддржувајте ги! Оваа приказна не е само за една мајка и нејзините слатки, ова е приказна за сите нас. Затоа што Македонија има вкус. И има душа.

