Прв манастир во чест на Св. Василијe Острошки во Македонија
Во прилепското село Чумово се гради првиот манастир во Македонија што ќе го носи името на големиот православен светец, Св. Василије Острошки. Иницијаторите на проектот, со многу посветеност и труд, успешно ја реализираат оваа мисија да го изградат овој духовен дом кој ќе биде место за молитва, спокој и собири во природа за верниците од целиот регион.
Во понеделник, на 12 мај 2025 година денот посветен на Св. Василије Острошки ќе се одржи прва света литургија на просторот на идниот манастир, со почеток од 09:30 часот. По богослужбата, сите присутни ќе бидат почестени со заеднички ручек и музичка програма, како дел од свеченото одбележување.
Сите православни верници се поканети да го посетат Чумово, но не само да се помолат, туку и да дадат поддршка во ова значајно дело, кое ќе остави духовен белег за идните генерации. Природата што го опкружува ова место е прекрасна, со што го прави уште посоодветно за манастирски живот и молитвена тишина.
Селото Чумово се наоѓа само 6 километри оддалечено од Прилеп, покрај патот кон Витолиште, на левата страна. Според преданието, името го добило од трагичен настан по страшна епидемија од чума која го десеткувала населението. Претходно се нарекувало Мало Молци и било лоцирано југозападно од денешната населба, на местата познати како Лозишта и Корија. Легендата вели дека во тоа време починале 90 невести, а подоцна нови доселеници го обновиле селото на новата локација, давајќи му го денешното име – Чумово.