(Видео) Одекна моќниот звук на новата камбана-благовесник во манастирот во Рајчица
Во еден од најубавите манастири во Македонија, посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во живописното село Рајчица, одекна возвишениот звук на новата камбана-благовесник, најавувајќи ново поглавје во духовниот живот на ова свето место. Овој значаен настан беше обележан со свечен чин на поставување во манастирската камбанарија, кој се одржа со благослов на Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.
Чинот на осветување го предводеше самиот владиката Партениј, во сослужение со свештенослужители и со присуство на монашкото сестринство, како и бројни верници што пристигнаа да бидат сведоци на овој историски момент. Меѓу присутните беше и дарителот на камбаната, Владимир Стајиќ, почесен конзул на Република Србија во Македонија, кој заедно со својата ќерка Ангела го сподели овој свечен миг со верниците.
Новата камбана, со тежина од 830 килограми, беше мајсторски излеана во леарницата на признатиот мајстор Младен Кременовиќ во селото Белосавци, Србија. Најстарата камбана од овој сет датира од далечната 1850 година и е вреден дар од српските кнезови Петар и Андреј.
Фото+Видео: Bigorski.org.mk