Самовилски води – извор со лековита вода и мал параклис
Самовилска вода е извор со лековита вода и мал параклис во близина на кумановското село Зубовце, а за истиот се верува дека секој кој ќе се напие и измие, ќе оздрави и закрепне.
Изворот се споменува уште во книгата „Кумановска област“, која е напишана од Јован Трифуноски кој го посетил селото во 1972 година, а според неа болните луѓе го посетувале изворот во петок и во недела.
Според легендата, се верува дека изворот има лековита вода. Самовилите се бањале во кладенецот во одреден ден во неделата, односно тие се миеле меѓу четврток и петок, па затоа водата била најлековита во петок пред изгрејсонце.
Луѓето доаѓаат на изворот во петок и во недела, како што е запишано на параклисот. Тие го мијат болниот дел од телото, а старите алишта ги оставаат засекогаш таму и си облекуваат нови. Поради тоа може да се заблежат стотина делови од облека кои се обесени во околината.
Во близина на кладенецот има старо брестово дрво, каде што е изграден олтар и има икони од Богородица, света Петка и света Недела.
Фото: Евгениј Хоуп