Да помогнеме: Потребни се средства за фрескоживописот на црквата „Света Лидија Македонка“
Храмот „Св. Лидија Македонка“ во населбата Ченто претставува не само духовно светилиште за скопјани, туку и значајно историско наследство кое се наоѓа на самиот влез во главниот град.
Градењето на црквата започнало во 2013 година, а во 2020 година проектот повторно бил активиран за доизградба, под раководство на Тоне Димковски и со поддршка на Одборот „Света Лидија Македонка“ – Скопје.
Горливата желба за фрескопис во храмот е длабоко врежана во срцата на сите православни христијани, бидејќи тој има огромно значење за верниците, Македонската Православна Црква, како и за Македонија.
Проектот, кој е проценет на околу 55.000 евра, ќе се реализира во неколку фази, во зависност од собраните средства. Секој придонес, без разлика на неговата големина, ќе биде од огромна важност за напредокот на работите и ќе остави белег во духовната историја на нашиот народ.
„Се обраќаме со искрен апел до сите православни верници да се вклучат во реализацијата на овој проект преку финансиски донации. Проектот, кој е проценет на околу 55.000 евра, ќе се реализира во неколку фази, зависно од собраните средства. Вашата помош е непроценлива за овој свет подвиг“, велат од одборот.
Нека ова дело биде заеднички симбол на верата, љубовта и солидарноста, како и сведоштво за нашата посветеност кон православното наследство. Да се зачува и истовремено да се возобнови духовното е света должност за сите нас кои ја споделуваме верата во Бога.
Вашиот доброволен прилог може да го донирате на сметка на храмот
Ж.С 270-0748507701.12
Цел на дознака:
Донација за фрескоживопис
Или лично во храмот
Света Лидија Македонка е првата жена која се спомнува во Новиот завет како христијанка од Европа. Таа живеела во првиот век во градот Филипи, во регионот Македонија, кој тогаш бил дел од Римската Империја. Лидија била успешна трговка со пурпурна ткаенина, што било синоним за престиж и богатство.
Според Делата на Апостолите (глава 16), апостол Павле при својата мисионерска работа во Филипи ја сретнал Лидија покрај реката, каде што таа и други жени се молеле. Откако го слушнала неговото проповедање, Лидија со вера го прифатила христијанството и веднаш била крстена заедно со своето семејство. Таа потоа го отворила својот дом за Павле и неговите придружници, станувајќи поддржувачка на раната христијанска заедница.
Света Лидија е почитувана како пример на вера, гостопримство и великодушност. Македонската Православна Црква ја слави како значајна фигура во историјата на христијанството и симбол на духовната поврзаност со Бога.