Sign In

Блог

Последни вести
Поставен и осветен крстот на црквата „Св. Атанасиј“ (Фото)

Поставен и осветен крстот на црквата „Св. Атанасиј“ (Фото)

Вчера во гостиварското село Чајле беше осветен куполниот крст за црквата „Св. Атанасиј“. Овој крст ќе стои како вечен симбол на верата, надежта и љубовта, кои нѐ водат и обединуваат како заедница.

Светиот крст не е само знак на победата над злото, туку и симбол на вечната љубов и спасението што Христос го донесе на светот.

„Крстот е мост што ги поврзува небото и земјата, пат по кој душите се издигнуваат кон Бога. Крстот е чувар на целата вселена, убавината на црквата, силата на верниците и славата на ангелите“, објавија на профилот на црквата на Фејсбук.

Црквата се наоѓа во маалото Старо Чајле, сместена под утврдувањето Градиште, а истата била подигната околу 1870 година и има историска вредност. Таа е подигната на место каде што претходно биле пронајдени остатоци од друг манастир.

Овој осветен крст нека биде постојан потсетник на силата на нашата вера, нека носи благослов и мир во нашите животи, и нека го чува секој наш чекор.

Светиот крст ќе стои како сведок на нашите молитви и надежи, водич по патот на љубовта, простувањето и духовниот раст.

Нека нѐ инспирира да продолжиме заедно во верата, градејќи силна и посветена заедница под заштитата на религијата.

Фото: Св. Атанасиј Село Чајле (ФБ)