Денеска се празнува Света Петка – заштитничка на жените, болните и сиромашните
Денеска, 27 октомври, Православната црква го одбележува празникот на Преподобната мајка и чудотворка Параскева, позната и како Света Петка. Таа е сметана за заштитничка од разни несреќи и болести, поради што народот ја нарекува мајка Параскева. Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка и многу други.
Светата Православна црква го прославува споменот на три личности со име Параскева, што може да предизвика збунување кај народот. Најпозната од нив е св. Петка Епиватска, чиј спомен се одбележува на 27 октомври. Името „Параскева“ значи „подготовка“, а произлегува од фактот дека таа се родила во петок, денот пред саботата, кој во претхристијанскиот период кај Евреите бил ден на подготовка за празнување.
Првата Света Петка е маченицата Параскева Римјанка, чие споменување е на 26 јули. Таа е позната како летна Света Петка. Во нејзиното житие се опишува како единствена ќерка на римски родители, која се замонашила и загинала за христијанската вера. За време на нејзиното мачење, нејзините чудеса, вклучувајќи ја и исцелувањето на императорот, придобиле многумина за христијанството.
Втората света Параскева, маченица од Иконија, загинала за време на владеењето на Диоклецијан. Нејзините родителите биле христијани, а таа се грижела за сиромашните и болните. По многуте мачења и одбивање на понудите од судијата, таа била убиена. Нејзиниот спомен се слави на 10 ноември.
Најпознатата Параскева е св. Петка Епиватска, родена во Тракија. Откако ѝ умреле родителите, таа заминала во Јорданската пустина, каде се посветила на молитви и пост. По нејзината смрт, нејзиното тело било погребано во близина на морето, но подоцна било пренесено во црква, каде што се случиле многу чуда.
Моштите на Света Параскева била повеќепати пренесувани, од Трново до Србија и на крај во Цариград, а потоа и во Романија каде што и ден денес е. Празникот Петковден, одбележан на 27 октомври, ја одбележува нејзината маченичка смрт и значењето на нејзината вера. Овој празник се смета за почеток на зимските празници во народот и го следат традиционални домашни служби.
Во Македонија има многу цркви посветени на Света Петка, а една од нив е и црквата во во близина на охридското село Љубаништа, на брегот на Охридското Езеро, веднаш до Манастирот Свети Наум.
Фото: Stolbovsky