Sign In

Блог

Последни вести
Чествување на патронот и заштитник на градот Радовиш – Св. Спасо Радовишки

Чествување на патронот и заштитник на градот Радовиш – Св. Спасо Радовишки

Со одржување на вечерната богослужба во Храм „Св.Троица“, на 20 август, од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение на свештеници од Радовишкото архиерејско намесништво – Брегалничката епархија, започна чествувањето на патронот и заштитник на градот Радовиш – Св.Спасо Радовишки.

По вечерната богослужба со иконата на светиот Спасо Радовишки, се изврши литија до параклисот „Св. Спасо Радовишки“ кој се наоѓа на плоштадот во градот.

Еден ден подоцна, на самото празнување на патронот на градот, беше отслужена света архијерејска литургија во храмот „Св. Троица“ во Радовиш, а потоа Митрополитот г. Иларион одржа беседа и го пресече празничниот леб.

Светиот маченик Спасо Радовишки е пример за верност кон христијанската вера. Тој се среќава со две имиња и често народот мисли дека станува збор за два светители. Еднаш се среќава како Спасо Радовишки, но и како Анастасиј Струмички.

Во календарот има два празника, и тоа на 21 август според новиот (8 август според стариот) календар и на 11 септември според новиот (29 август според стариот) календар.

Неговото житие сведочи дека бил роден во Радовиш во семејство на благородни родитлеи кои го воспитале да го почитува христијанството, а потоа го пратиле во работилница за оружје за да научи занает.

На 20-годишна возраст се враќа кај стариот мајстор, кој имал неколку скапи турски костуми за кои не платил данок и барал начин да ги изнесе од градот, па затоа го замолил Спасо да облече еден од нив. Спасе не сакал да прифати зашто се плашел да не биде откриен, но на крајот решил да му ја исполни желбата. Сепка, бил забележан од цариниците кои побарале документи, а кога рекол дека е Турчин и дека не треба да плаќа данок, тие го натерале да ја каже салевата, односно молитвата кон Алах која ја знаел напамет секој Турчин.

Цариниците го откриле дека не е муслиман, а Спасе им одговорил дека си ја сака христијанската вера и не планира да ја менува, по што бил испратен кај месниот мула заедно со петмина Турци кои требало лажно да сведочат дека ја навредил муслиманската вера.

Мулата се обидел со закани да го придобие Спасе да ја промени верата, но тој не прифатил, па затоа почнале да го мачат, но и покрај тоа Спасе му останал верен на Исус Христос. На пат кон бесилката, исцрпен од мачењето паднал и ја предал душата на својот спасител.

Фото: Општина Радовиш

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *