Литургија на 1.762 метри надморска височина – традиција на крушевчани која трае со години (Фото)
Крушевчани имаат прекрасна традиција која се одржува првата сабота од месец јуни секоја година, а така беше и во оваа 2024, кога на 8 јуни по четврти пат се одржа планинарскиот марш „Господи Исусе Христе чувај ја Македонија“.
Љубителите на природата и планинари се искачија на планинскиот врв Козјак на Бушева Планина, односно местото кое е познато како „Кај крстовите“, кои се изградени од Симеон Стојковски од крушевското село Пуста Река.
Традицијата ја започнаа Вецко и Менка Божиноски од Пуста Река во 2021 година, а откако планинарите ќе се искачат на планинскиот врв Козјак, свештено лице служи литургија, но секоја година има и кум.
На популарната локација, на врвот Козјак се поставени крстови на постамент од камења и цемент, а погледот е неверојатен и допира до сите околни планини и врвови, а дава убава слика и од историската месност „Слива“ од каде што илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република, како и до манастирот „Свето Преображение“, односно омиленото место на починатиот македонски пејач Тоше Проески.
Фото: Илија Деспотоски