Во Македонија се наоѓа една од најчудотворните икони во светот
Чудесната икона, живописана од зографот Димитриј Аргири, е подарок на светиот игумен на Дохијарската Обител, Архимандрит г. Григориј за Струмица и нашата татковина Македонија, а по повод исцелението што Пресвета Богородица Скоропослушница го направи со едно момче од градот.
Иконата пристигна во градот Струмица во 2017 година, а беше пречекана од илјадници верници и свештенство на градскиот плоштад „Гоце Делчев“, по што беше положена во храмот „Свети 15 Тивериополски маченици“.
Постојат пет копии на оригиналот на Чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушница кој се чува на Света Гора, а според преданието првото чудо се случило во 17 век.
Според приказната, Богородица го вратила видот на монахот Нил и му кажала да им пренесе на останатите членови дека во иднина ќе биде нивна заштита и ќе се нарекува скоропослушница затоа што секој што ќе ѝ се јави со молба за помош, таа нема да задоцни и ќе му помогне.
Црквата „Свети Петнаесет тивериополски маченици“ во Струмица е посветена на Петнаесетте маченици, а денешниот свет храм бил изграден во 1973 година и во него се одвива редовен литургиски живот.