Васе има света мисија – да постави три високи крстови
На околу 10 километри од градот Неготино ќе се сретнете со селото Тремник, кое е мало место во кое живеат околу 700 жители, но еден од нив Васе Ладна Јованов решил да се обиде да го заживее местото и да реализира проекти и манифестации со помош на други компании и луѓе.
Тремник се наоѓа на надморска височина од само 120 метри и до селото се стига по широк и добар асфалтен пат кој е стара траса и коловозна лента кон Гевгелија, а вреди да се спомене и дека во неговата околина има голем број археолошки пронајдоци и наоѓалишта.
Васе Ладна Јованов ни сподели дека има необична мисија, а тоа е да постави три големи крстови од кои веќе едниот се издигна над селото Тремник. Симболот на христијанската вера е висок дури 12 метри и истиот навечер го осветлува небото над неготинското село.
Жителот и претседател на селото со ова реализирал само еден дел од неговиот план, а во следниот период планира со помош на други луѓе и компании да подигне уште два високи крстови, и тоа во неготинските села Калањево и Брусник.
„Јас сум само еден млад човек кој сака село Тремник да биде убаво место и ќе се борам за уште повеќе проекти. Тремник треба да ја задржи младината и да го запре иселувањето. Со организирање на различни настани и реализирање на проекти сакаме да покажеме дека младите можат да останат тука и да се развиваат“, вели Васе Ладна Јованов за „Гладиатор“.
Освен реализирањето на идејата да се подигнат трите крстови, во селото Тремник се организираат и различни манифестации меѓу кои Џоломари што бркаат лоши духови за Василица, но има и настан за Свети Трифун, на 14 февруари.
Иако станува збор за мало село, сепак за време на овие манифестации живнува и почнува да се буди од сонот, а улиците на Тремник ги исполнуваат насмевки кај жителите кои останале да се борат за подобра иднина.
Васе во разговор со „Гладиатор“ откри дека поставиле јарбол од 8 метри, средување на градинка, а планираат и да ги израдуваат најмладите жители на неготинското село со изградба на спортски терен каде што ќе може да се забавуваат и да спортуваат.
За љубителите на авантурите Тремник е место кое треба да се посети, а за тоа дека имало голема важност и во минатото сведочат наоѓалиштата во недалечната околина. И во самото село на месностите Градиште, Чаир Рид и Орманков Дол биле пронајдени археолошки пронајдоци како златни монети со ликовите на Филип Втори и Александар Трети Македонски. Исто така е прнајдена и златна апликација со ликот на Посејдон, но и други предмети. Токму наоѓалиштето во Градиште се смета за едно од можните места на старомакедонскиот град Антигонеја основан во вториот век пред нашата ера од македонскиот крал Антигон Гонат.
Името на селото Тремник е со потекло од македонскиот јазик и составено е од именката „трем“ и наставката „ник“ со значење место со тремови или тремно место. Според местоположбата, изгледот и историјата на селото кога имало чифлик и куќи со широки тремови, постои можност името да потекнува и од таа причина. Постојат и други претпоставки за името, меѓу кои се дека Тремник доаѓа или означува „покриен дел пред црквата“.