Епископот Велички Гаврил Светогорец беше канонизиран за светител
На денешен ден, 28 мај, пред седум години Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија го впиша епископот велички Гаврил Светогорец во списокот на светиите.
Канонизацијата на епископот Гаврил Велички Светогорец се одржа во Соборниот храм „Св. Никола“ во Штип. Во 8.15 часот беа донесени неговите мошти, додека светата архиерејска литургија започна во 9 часот.
Со светата литургија началствуваше архиепископот г.г. Стефан, во сослужение на членовите од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Светите мошти на епископот Гаврил беа изложени во Соборниот храм „Св. Никола“ во Штип.
Акатист на Свети Гаврил епископ велички Светогорец икос 2:
Се радува градот Штип, што изнедри од своите пазуви таква плодна фиданка, тебе, голем Божји угоднику Гавриле. Со својот праведен живот Христовиот мир низ својот народ си го излевал, православното учење пак, во своите дела си го преточувал.
Се радуваме и ние што стекнавме таков силен молитвеник пред Бога, и иако невешти, сепак се осмеливме да ти ги вознесеме овие искрени пофалби:
Радувај се, благословен пород на твоите побожни родители!
Радувај се, од нивниот добродетелен живот на благочестие се научи!
Радувај се, уште како млад разум на старец си пројавил!
Радувај се, со Христовите начела мудроста на светот си ја мерел!
Радувај се, со мечот на стравот Божји пијавиците на световните наслади ги отстрани!
Радувај се, од високите воени почести на светот се откажа!
Радувај се, во воена служба на Христос, Твојот Бог, премина!
Радувај се, големината на човековото достоинство ја покажа!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, нова Лесновска пофалбо!
Фото: Бигорски манастир