Традиционална литија во Струга со моштите на Свети Георгиј Победоносец
Традиционално на 7 мај во Струга ќе се одржи струшката еордија (литија) со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“. Со раскошни епитафи, локално свештенство, братство и сестринство од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста и чудотворните икони ќе тргнат од храмот посветен на светителот.
Од храмот низ струшките улици, па покрај кејот на реката Црн Дрим и Чаршијата, тие ќе го осветат градот, а според традицијата и оваа година поворката ќе ја предводи церемонијално полициско возило.
Меѓу возилото и литијата ќе има коњаник облечен во римска воена облека, кој во раката ќе има палмова гранка како симбол на мирот.
Моштите ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир облечени во мијачка облека.
Во поворката ќе учествуваат и граѓани кои ќе се движат по гардата, а тие кои нема да се вклучат ќе останат на двете страни од улицата со деца облечени во народна носија.