Една од највредните икони во светот се наоѓа во македонската црква „Св. Ѓорѓи“
Ѓурѓовден е најголемиот христијански празник од пролетниот циклус, кој го празнува целото население и има голема традиција во словенските земји, но и во Македонија. Кај нас со Ѓурѓовден почнува летната половина на годината што трае до Митровден и во една поговорка се вели „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“.
Македонската православна црква „Свети Ѓорѓи“ е сместена во Струга и датира од 13 век. Таа е едно од најстарите духовни светилишта на Балканот и Европа, а староста била одредена според иконата на Свети Ѓорѓи која датира од 1267 година.
Црквата постои од 13 век и поминала низ тешки периоди, но неколку пати била обновувана сè до 19 век, кога е запишана последната голема обнова.
Има голем дел на поствизантиски икони, односно период на османлиската управа од 16 и 17 век, а доминираат и икони од доцниот среден век и времето на преродбата. Во оваа црква традиционално почнува Ѓурѓовденската литија на која верниците се молат пред моштите на „Св. Георгиј Победоносец“ и чудотворната икона на светецот која е една од 10-те највредни и највпечатливи од периодот на доцноколненскиот стилски израз.
Постојат неколку извори кои се различни за раѓањето на Георгиј Победоносец. Според едни е роден во Кападокија, според други во Бејрут, додека според трети во Лида Палестинска околу 270 година.
Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Георгиј рано го загубил својот татко, па со мајка му се преселил во Палестина од каде што потекнувала таа. Таму го минал детството и ги посетувал местата каде што Исус го проповедал своето учење.
Уште на 20-годишна возраст добил висок чин, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет. Меѓутоа не знаел каква религија исповеда младиот Георгиј Победоносец. Откако починала мајка му, тој го наследил имотот, но набрзо ги ослободил робовите и го разделил имотот на сиромашните.
Диоклецијан почнал жесток прогон на христијаните, а Георгиј храбро му се спротиставил и признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа го разочарало Диоклецијан кој бил гневен и наредил да го затворат и мачат Георгиј.
Според легендата, пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување со ветување дека ќе го земе кај себе. Георгиј не зажалил и му кажал на императорот дека верува во Исус, по што почнало мачењето. Го ставиле врз тркало кое имало шилци со шајки да му го избодат телото, а потоа го тепале со воловски жили, го закопале во земја со главата над неа и на крај му дале да испие отров, но откако не дејствувал решиле да му ја исечат главата.
Сведок на овие страдања била сопругата на Диоклецијан, Александра која јавно кажала дека го прифаќа христијанството и веднаш била осудена на смрт.
Свети Георгиј е погубен на 23 април 303 година и секоја година на датумот црквата го празнува споменот на Великомаченикот.
На иконата е претставен како војвода на коњ кој ја убива ламјата што се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот го убил чудовиштето кое му правело штета на народот. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над демоните.