Македонија има „долина на плодноста“ и „самовилска вода“ која е лековита
Селото Конопиште се наоѓа на околу 40 километри од Кавадарци, а според преданијата името го добило според дивиот коноп кој расте во регионот. Селото е ридско, односно се наоѓа на 660 метри надморска височина, а крие голем број тајни, но и чудотворен камен кој им помага на луѓето.
Чудотворниот камен помага за плодноста, односно на паровите кои не можат да имаат деца, па често е посетуван од страна на луѓе кои веруваат во чудо. Некои доаѓаат од љубопитност, но некои од мака за да си најдат решение за својот проблем.
Каменот се наоѓа во склоп на манастирот „Свети Атанасиј“, а им помогнал на голем број луѓе од различни вери и националности, па затоа е сè популарен и често посетуван.
Манастирот „Свети Атанасиј“ е изграден на темелите на црква која постоела од 1601 година, но потоа била уништена. Поради тоа луѓето барале место каде да палат свеќи и токму овој камен бил во близина, па луѓето уште во минатиот век го посетувале за да запалат свеќа и да се помолат за здравје.
На половина километар од манастирчето има извор кој жителите го нарекуваат „Самовилска вода“ и се верува дека истата е лековита.
Овој регион е познат и по земјени столбови, односно камени кули кои се неверојатно дело на природата. Тие се високи неколку метри и имаат карактеристичен изглед, а се претпоставува дека датираат од пред 20.000 години.
Постојат две легенди кои се раскажуваат од колено на колено. Едната е дека тие кои не можат да имаат деца, треба од некоја од фигурите да земат земја, по што го ставаат во млеко од биволица, во кое се додава мед и така се пие. Според втората легенда, камените фигури зрачат со посебна енергија кои им помагаат на младите да водат љубов и така да добијат деца, па поради тоа меѓу локалното население регионот е познат како „Долина на плодноста“.