Sign In

Блог

Последни вести
Свети Трифун и легендата за ќерката на римскиот цар Гордијан

Свети Трифун и легендата за ќерката на римскиот цар Гордијан

Легендата ни открива дека во римско време се разболела ќерката на царот Гордијан. Таа имала чудна болест, односно жива скокала во оган и вода, а ниту најдобрите доктори во царството не можеле да го пронајдат лекот.

Царот Гордијан бил разочаран и почнал да му се моли на Господ, кој преку глас на ќерка му кажал дека неа може да ја излечи само Свети Трифун.

Римскиот цар го пронашол Свети Трифун во Мала Азија, а тој ѝ помогнал на ќерка му и ја излекувал од тешката болест. По помошта која ја добил, царот Гордијан со ќерката и придружниците се враќале кон својот дом, а притоа поминувале низ Македонија.

Според легендата, Господ му наредил на царот Гордијан, кога се наоѓал во Говрлево, да направи божји храмови на Св. Трифун, Св. Троица, Св. Петар и Павле, а подоцна и Св. Марина.

Главната манастирска црква на Говрлевскиот манастир, „Св. Трифун“ се наоѓа во скопското село Говрлево, на ридот Брзовец кој изобилува со природна убавина и има поглед на целата околина зад Водно. Сегашната црква датира од 17 век, а некои од иконите се дело на Димитар Папрадишки.

Во близина на црквата Св. Трифун се наоѓа и мала црквичка „Св. Кузман и Дамјан“, која е позната меѓу верниците по лековивите води кои извираат во нејзиниот олтарен дел.

Фото: Марио Шаревски – Македонец