Sign In

Блог

Последни вести
Легендата за трите чешми „Света Петка“

Легендата за трите чешми „Света Петка“

Во близина на црквата „Света Петка“ во скопската населба Црниче, во општина Кисела Вода, се наоѓаат три чешми за кои се верува дека се лековити, а за нив постои и легенда како од обичен извор било создаден вистински рај.

Поточето, на чие место денеска се наоѓаат трите чешми „Света Петка“, во минатото често го потопувало фудбалското игралиште кое се наоѓало во непосредна близина, поради што жителите поднеле иницијатива за да се изградат чешмите кои им помогнале на многу луѓе, како што сведочат дел од повозрасните жители.

За водата се верува дека помага за различни болести, па така една баба раскажа дека ѝ помогнало за проблеми со очите, додека водата помагала и за астма, но и бронхитис, како што велат жителите.

Пред чешмите е истакнат знак дека водата не е за пиење, но и покрај тоа минувачите ја користат за да се освежат по симнувањето од Водно, како и поради верба дека трите чешми „Света Петка“ помагаат за здравје.

Освен чешмите со водата, оваа локација е култно место за жителите на Црниче, но и минувачите кои сакаат да уживаат во мирот и спокојството кои му се нудат.

На само 200 метри од трите чешми се наоѓа црквата „Света Петка“ чија градба почнала во 1904 година, а храмот бил осветен речиси 20 години подоцна, односно во 1923 година. Во овој христијански храм пред неколку години е пронајдена чудотворна икона која се чува во олтарот на храмот, но за тоа повеќе во некој од следните текстови за убавините на Македонија.