Трајко Карев: Ние сме чисти Македонци!
Македонскиот револуционер Никола Карев како главен јунак во приказните раскажани од страна на неговиот внук Трајко Карев ексклузивно за „Гладиатор“!
Пред да навлеземе во длабокиот разговор со внукот од брат на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, дозволете ни да ве запознаеме со неговото родно место – Крушево.
Вгнезденo во западниот дел на живописните предели на Република Македонија поточно на Бушевата Планина, Крушево трепка како највисокиот град на Балканот чија историја и култура се преплетени со стотици и стотици настани, кои одиграа интегрална улога во обликувањето на наративот на Македонија. Па како што тргнуваме на патување низ срцето на Македонија, Крушево, така полека ќе ги откриваме слоевите на неговото бујно минато, од одгласите на револуцијата до трајниот дух на неговиот народ и култура.
Споменато во историските записи од 1467 година, Крушево започнало како мало село за време на турското владеење, кое на крајот се развило во организиранo урбано место. Растот на градот бил под влијание на брановите на доселување, особено од Власите, православните Албанци и Македонците. Во 19 век, Крушево станува просперитетен занаетчиски и трговски центар, привлекувајќи континуиран прилив на христијанско население од околните села.
Илинденското востание во 1903 година означува клучен момент во историјата на Крушево. Ослободен на 2 август, градот ја основал краткотрајната Крушевска Република. Меѓутоа, турското задушување довело до палење на Крушево и егзодус на неговите жители.
Географски, Крушево се наоѓа на надморска височина од 1350 метри, што го прави највисок град на Балканскиот Полуостров. Забележителен по својата специфична морфологија, градот може да се пофали со амфитеатрално уредени куќи.
Крушевската градска чаршија, со своите стрмни и тесни улички, го отсликува стариот урбан шарм, каде се сместени различни занаетчиски и комерцијални продавници. Значењето на Крушево се протега и во неговата улога како зимски туристички центар, кој ги нуди своите скијачки патеки од ноември до март.
Меѓу културно-историските знаменитости се и Манастирот Св. Преображение, меморијалниот комплекс Илинден (Македониум), споменикот на Мечкин камен, музеите на Илинденското востание и Крушевската република, Музејот на НОБ и Спомен куќата на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески.
И сега кога го запознавме Крушево, време е да го запознаеме и неговиот херој, претседателот на Крушевската Република, големиот македонски револуционер, учител, раководител на Македонската револуционерна организација и возљубен син на крушевчани, но и на сите Македонци – Никола Јанакиев Карев. Кога велиме да го запознаеме, мислиме да го истражиме неговиот живот од една поинаква перспектива, односно преку призмата на приказните на неговиот внук Трајко Карев, кој во ексклузивно интервју за „Гладиатор“, раскажува за животот на неговиот дедо Никола Карев, за неговите достигнувања и падови преку кои добиваме едно поинтимно разбирање за саканиот револуционер и влијанието на неговото наследство врз ткивото на Македонија. Па затоа подгответе се да дознаете нешто што не сте имале можност да го прочитате претходно, но и да видите досега необјавени фотографии од славната фамилија Кареви.
Пред да започнеме со нашите прашања го замоливме Трајко да ни каже нешто за него, неговата фамилија и славното презиме Кареви
– Јас сум еден од внуците на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев. Детството го поминав мизерно и оскудно, откако останав сирак на осум години. Во Крушево учев гимназија. Како дете спиев седум години со дедо Петруш Карев, а куќата ја преземав дури на 14-годишна возраст. Во животот работев како возач и тоа 20 години. Најпрво возев камион и го поминав светот, Иран, Русија, Италија и други земји, имам поминато над три милиони километри, а возев и автобус цели 15 години. Сега сите ме познаваат во Крушево и ме поздравуваат кога ќе ме сретнат низ градот, вели Трајко на почетокот на интервјуто за „Гладиатор“.
Навлегувајќи во минатото, го замоливме Трајко да ни раскаже за неговиот дедо Петар Карев познат како Петруш кој е роден брат на славниот Никола Карев, за приказните што му ги раскажувал, но и да се обиде да ни го опише чувството на гордост што го носи во себе знаејќи дека низ него тече крв на еден голем македонски патриот и национален херој
– Петруш е најстариот од семејството Кареви. Тој е роден на 15 март 1869 година, додека Никола е роден на 23 ноември 1877 година, а тие имаат и помал брат Ѓорѓи. И најстариот и најмладиот брат биле учесници во Илинденското востание. Поголем дел од детството, односно седум години поминав со дедо ми Петруш кој ми раскажуваше приказни за Никола. Ми раскажуваше дека Никола завршил гимназија во Битола, се кренал против Турците зашто не можел повеќе да трпи неправдини, како и дека заминал да работи во Софија кај Васил Главинов кој бил eден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија. Ми претставува посебна радост и гордост што го носам презимето на претседателот на Крушевската Република. Во минатото имало бугарски поп, кој ни ги префрлил презимињата на прадедото Наќе и сме се презивале Наќески, но потоа си го вративме нашето оригинално презиме – Карев, раскажува внукот на македонскиот национален херој.
Преку допирот на семејна интимност, истражувавме подлабоко па го запрашавме Трајко кој беше навистина Никола Карев? Да ни раскаже некои интересни случувања од животот на великанот или помалку познати приказни, но не како историчар туку како негов внук кој во срцето носи негувани спомени пренесувани низ генерации во семејството
– Никола Карев бил одгледан во сиромашно семејство, имал мизерен живот. Тој учел гимназија во Битола, а по завршување на образованието видел каква е состојбата во Крушево и преземал иницијатива за организирање на востание. Им испраќал писма на луѓето низ селата, а навечер бегал и се криел затоа што го барале Турците. Бахтијар Паша му испратил порака да се предаде за да не го изгорат Крушево, но Никола му вратил со зборовите „Ние не се предаваме, ќе се бориме до крај за Македонија, a и по нас ќе се борат идните поколенија“. Никола работел и кај Васил Главинов во Софија како чирак столар, каде што ја повредил десната рака, по која подоцна ќе го препознаат. За него има и многу книги, но повозрасните внуци ги земаа и книгите и писмата. Едно од нив беше писмото кое го испратил во Алданци, од каде што ги повикал луѓето на борба против Турците за да се ослободат од ропство. Кметот Синан Газија во тој момент одговара дека не можат да се приклучат на борбата, ни открива Трајко од приказните кои му ги раскажувал Петруш.
Љубов, сила доволно моќна да инспирира револуции. Во сенките на историјата, ја баравме страсната приказна за свршеницата на Никола по име Коца и приказната за таа голема, но трагична љубов
– Никола Карев не бил женет, туку имал девојка која работела како учителка. Тие живееле кратко заедно, но девојката била болна. Коца Тасева Хаџова живеела во Прилеп, а била родум од Струга. Еден ден, некој од војводите му кажал на Никола дека девојката починала, а во тој момент на претседателот на Крушевската Република му потекле неколку солзи по црната брада, ни кажа Трајко.
Врските на браќата и сестрите се кревки и нераскинливи. Па љубопитно прашавме за врската меѓу Никола и неговите браќа, Петруш и Ѓорѓи, откопувајќи ги фамилијарните нишки што ги сплетуваа нивните судбини
– Тој имал одлична врска со неговите браќа, а посебно со најстариот брат. Исто така, сестра му Тана го лекувала од десната рака која му била отечена, а тоа може да го забележите на портретите на кои секогаш ја држи раката свиткана. Со Петруш имал најдобри односи, вели внукот на Никола Карев.
Веднаш штом трепнавме, побаравме и слика од животот на младиот Ѓорѓи – кратко, но интензивно, поглавје од големата епопеја на семејството Карев
– Најмладиот брат Ѓорѓи на 16-годишна возраст учествувал во Илинденското востание, додека од 1941 до 1944 година, за време на бугарската окупација на Македонија, тој бил кмет на Крушево. По втората светска војна е осуден на пет години затвор, а доколку имале докази против него ќе бил осуден на 15 години затвор. Во темните зандани на „Идризово“ го измачувале, а во истата чинија каде што јадел, извршувал и физиолошки потреби, според приказните кои ми ги кажуваше дедо Петруш. На само седум дена пред да го пуштат од затвор, Ѓорѓи е ликвидиран од страна на комунистите, и тоа откако му биле ставени две инјекции, а до ден денес не се знае каде се наоѓаат неговите коски, вели Трајко.
Во потрагата по историски сложности, ги откривавме драматичните детали за конекциите на Никола особено неговиот однос со славниот Гоце Делчев, но и останатите храбри револуционери кои со шепотења на бунт, го обликуваа самиот тек на историјата
– Никола имал контакт со Гоце Делчев преку писма, но немале состаноци. За сè се договарале писмено. Гоце имал контакт и со Даме Груев, додека Никола со Веле Марков, како и Христо Узунов. И на Смилевскиот конгрес само тие двајца биле против, додека Даме Груев и Иван Гарванов со останатите ги надгласале за да се организира востанието. Што се однесува за архивата, сестра му Тана со Томе Никле одат во шумата и ја закопуваат каде што наутро паѓа првиот зрак од сонцето кое изгрева, односно во која бука ќе удри блесокот, таму ја закопуваат, открива Трајко.
Писмо, пергамент проткаен со мистичност. Го поттикнавме Трајко да ги открие тајните на писмото кое Никола го испратил до Делчев, разоткривајќи ја приказната што можеби го содржи клучот за разбирање на жарот на револуционерното перо
-Имаше писмо, но искрено не ја паметам неговата точна содржина, кажа кратко внукот на Никола Карев, но ние се потрудивме да го пронајдеме и во продолжение ви ја откриваме содржината:
Драги Г,
Моите извештаи стануваат се повеќе и повеќе само како голи констатации на оние свирепости и ѕверства што овој свет ги поднесува.
Одамна требаше веќе да им се даде називот извештаи за несреќите и бедите на христијаните во Вилаетот.
Во Крушевско и Битолско стануваат секојдневно ноќни блокади на села, а многубројните афери фрлаат многу луѓе в затвор. Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да станеме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците ниту од Бугарите, ами сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните и да не се споменуваат тврдењата дека „сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција”.
Што се однесува до мене, никој не ќе може да ми ја одземе мојата храброст и мојот патриотизам.
Драго ми е да ти соопштам дека сите наши момци се готови со пушка в рака да се бијат.
Н.
Искрата што ја запали револуцијата. Со жар ги истражувавме мотивите. Што го втурнаа Никола Карев во наборите на Внатрешната македонска револуционерна организација?
– Не можел повеќе да гледа маки и страдања кај македонскиот народ. Затоа решил да крене глас и да се приклучи во организацијата со цел да се бори за Македонија, но за жал слободата траеше 13 дена, вели Трајко.
Симфонијата на бунтот оркестрирана во Крушево. Побаравме живописно прикажување на тоа како Никола Карев мајсторски го организирал и раководел Илинденско-Преображенското востание, химна на пркос против угнетувањето
– Испраќал апел до останатите села и ги организирал селаните за да се борат за својата слобода, но се соочувал и со проблеми бидејќи во тоа време имало многу кодоши. Тие добивале наредба да го најдат Никола и да му ја пресечат главата со цел да добијат награда, кажа Трајко.
Триумфи врежани во историјата на Крушевската Република. Ги истражувавме постигнатите победи, откривајќи ја издржливоста што дефинираше кратко, но влијателно поглавје во македонската историја
– Крушевската Република живееше 13 дена, а тие денови беа исполнети со среќа и радост кај жителите на градот затоа што конечно биле слободни и можеле барем малку да живеат мирно, а не да бидат измачувани од Турците, вели тој.
Постослободителна комплексност, нежен танц со идентитети. Ги истражувавме односите на Никола Карев со муслиманите по ослободувањето на Крушево, поглавје каде историјата се среќава со човечноста и големото револуционерно срце во кое има место за секого
– Востанието почнало 15 минути порано од предвиденото. Почетокот бил закажан во 12 часот кога требало да чукнат камбаните во трите цркви. Тогаш требало да се нападне Крушево, но 15 минути претходно тројца востаници застанале спроти уќумат, односно затворот. Востаникот Тома забележал Турчин како си го мие лицето на чешмата, ја извадил пушката и испукал, по што извикал „Да живее Македонија!“. Турчинот почнал да бега и да вика „Москов ѓелди“ (Турски: Moskova geldi – превод: Дојде Москва), а потоа заедно со останатите мажи и жени бегаат голи и боси низ Крушево. Останале дел од жените муслиманки, кон кои Никола имал максимална почит. Тој ги поставил во некое училиште, каде што немало пристап за мажи. Жените се грижеле за храната и сè останато, а Никола никогаш не ги малтретирал, објасни внукот на македонскиот херој.
Смрт, обвиткана во мистерија и интриги. Ја пресекуваме нејаснотијата, барајќи ја вистината за првобитното погребно место на Никола и долготрајните шепоти за тоа дали неговата смрт е последица на предавство, самоубиство или само лоша среќа?
– Никола заедно со останатите македонски востаници облечени во офицерски алишта тргнале кон Македонија. Поминале низ Ниш, Лесковец и Врање, каде што ги пречекале одлично. Потоа стигнуваат во селото Рајчани, кочанско, каде што се распоредуваат по неколку луѓе во различни куќи, а притоа поставиле еден стражар на високо дрво за да го гледа полето. Тој слушнал пукање, кое доаѓало од свадба, но помислил дека станува збор за турски аскер и ги разбудил останатите востаници. За да не го запалат селото, сите бегаат надвор од него, при што следат престрелки со Турците. Се борат 24 часа, ја потрошиле сета муниција и биле опколени од непријателите. Некои од нив успеале да избегаат, а некои загинале, но Никола со уште осум души останува во немилост. Свесен за својата судбина ако падне во рацете на Турците, кои сигурно би го измачувале, земал бомба и сите се самоубиваат, вели Трајко за „Гладиатор“.
Свеченото пренесување на посмртните останки, патување полно со интриги. Ние поттикнавме раскажување за потресните моменти околу конечното враќање на Никола во Крушево, приказна врежана во срцето на македонската историја
– За посмртните останки беше сè подготвено, секој жител даваше намирници. Коските беа пречекани пред Крушево во 1953 година со музика. Четворица Илинденци ги носеа, Коле Шапрдан, Ташко Борјан, Глигор Пандишикла и уште еден ама не можам да се сетам на неговото име. Саркофагот беше како во коцка, со четири ногарки изрезбани и пишуваше во полукруг – посмртните остатоци на претседателот на Крушевската Република. Тие биле закопани во село Рајчани. Најмалата сестра зема казан, сапун и топла вода да ги мие коските, а најстарата ја зема главата и се вчудоневиди. Таа кажа дека тоа не е брат ѝ. Ги вратија коските повторно назад каде што беше откопан, а потоа се појави еден чичко Тозо кој кажа каде е закопан Никола Карев. Коските повторно беа пречекани во градот, а најстарата сестра ја погледна главата и потврди дека тоа е Никола. Потоа ја виде коската на десната рака, која беше малку деформирана поради повредата што ја здоби при работата кај Васил Главинов и тоа беше уште една потврда. Никола загина на 27 април, а неколку дена порано мајка му видела сон и му кажува на Петруш дека видела лош сон за Никола. Три дена претходно животот го загуби Узунов, а потоа и Никола, вели Трајко.
Телеграмата испратена лично од Хитлер до Крушево како неочекувана восхит за ликот и делата на Никола. Ја баравме нераскажаната приказна, истражувајќи го чудниот танц помеѓу пофалбите на германскиот фирер и наследството на македонскиот револуционер
– Иако сосема неочекувано, сепак пристигна телеграма лично испратена и потпишана од германскиот канцелар Адолф Хитлер, кој на Петруш му го честиташе Илинденското востание, вели накратко Трајко.
Од восхит до восхит, положување на цвеќе на споменикот на Никола од страна на Тито?
– Претседателот на Југославија, Јосип Броз – Тито дојде во Крушево и положи венец на споменикот на Никола Карев. Неговата посета се случи во 1963 година и тој ден имаше премногу луѓе во градот. Пред доаѓањето на Тито, до Крушево имаше само еден пат, односно немаше излез. Сепак, Тито му нареди на тогашниот претседател на градот да отворат друг пат, односно излез од Крушево кој сега води кон Демир Хисар, раскажува Трајко.
Трајко носејќи ја големата тежината на историското семејно наследството на неговите плеќи, раскажува за неговата перспектива како внук на македонски револуционер. Која е во неговите очи, непобитната вистина за Македонија која треба да одекнува низ срцата на сите Македонци?
– Ние сме чисти Македонци! И во гимназијата каде што учел, бил дојден еден новинар од Грција кој разговарал со Никола. Карев му кажал дека е Македонец. Бугарите без никаква основа го слават денот на Илинденското востание и слободно можам да ви кажам дека во истото не учествувал ниту еден Бугарин. Македонците сакале самостојно да се ослободат, не барале помош од никого. Никола кажувал: „Ние од Турците ќе се ослободиме, но потоа не знаеме кој ќе нè завземе“, открива внукот Трајко.
Со копнеж за инспирација, го замоливме Трајко да ги сподели цитатите или говорите од Никола што особено му го допираат срцето кога ќе ги чуе
– Не можам да се искажам најдобро, сите цитати и говори му ги сакам, а што се однесува до него немам такви зборови за да го опишам дедо Никола. Горд сум што го носам неговото презиме, вели Трајко, меѓутоа ние во продолжение ви пренесуваме еден од неговите најпознати говори:
„Јас сум Македонец – Потомок на Александар Македонски! И ВМРО не е бугарски комитет!“, Никола
Одгласите на историјата допираат до денес. Со шпекулативен објектив, размислувавме како Никола Карев би одговорил на современата балканската геополитика, со оглед на големите политички промени од неговото време до денес
– Не би прифатил ништо од ова што се случува сега во моментов! Ние сме чисти Македонци, а тоа што сега се договара политички, сè би избришал. Тие барале и се бореле за самостојна и слободна Македонија, кажа Трајко.
Никола имаше и едно славно интервју за грчкиот весник „Акрополис“?
– Да да, имаше интервју во кое кажува дека е Македонец и потомок на Александар Македонски, вели Трајко, а ние во прилог ви приложуваме дел oд интервјуто и преводот на истото од грчкиот весник „Акрополис“:
Превод на интервјуто:
* „Македонец ли си?“, го прашувам.
— Да.
* И следователно Грк?
— „За ова не знам“, ми одговори, „јас сум Македонец“.
* „Непосреден наследник на Александар Велики?“, му велам иронично.
— Да.
* Бугарската заштита ја гледате само површно, Бугарија не сака да ве ослободи од турското ропство, туку да ве потчини.
— Хм! Ако Бугарија мисли да нè претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка. Инаку, нас не нè интересира што мисли Бугарија, туку обрнуваме внимание само на следново: „Си ја постигнуваме ли целта?“ Си ја добиваме ли нашата слобода? Не нè интересира дали ќе нè ослободи Грција или Бугарија. Единствено што може да добие секоја една од нив е само наша благодарност.
* Добро, ако се ослободите, што сакате да бидете, автономна?
— Да, како што е во Швајцарија, во која трие различни племиња живеат во крајна хармонија и љубов.
*Зошто не сакате да се обедините со Грција?
— Затоа што ако не земе Мора (Грција) ќе стане една голема држава и следователно монархија. Во таков случај ќе произлезат многу зла — прво монархијата и тоа што произлегува од неа, а второ, Грција ќе нè натера да војуваме со Бугарија, нешто што (ние) не го сакаме.
* Вие што сакате?
Ми ја покажа капата:
— Сакаме република.
* Демократија и пријателство со Бугарија?
— Не само со Бугарија, туку со секој што ќе ни помогне да се ослободиме.
* Со Бугарија сакате да се обединете?
— Не, не!
* Но, грчките првенци, свештеници и учители зошто ги убивате кога немате ништо посебно против никој?
— Ова се лаги. Комитетот не убива само Грци, туку и Бугари и Срби и Турци и секого кој предава.
* Ова се изговори за гревовите, уништивте многу грчки патриоти затоа што не даваа пари за вашиот Комитет.
— Овие работи ги измислувате вие Грците како и другите.
* Кои други?
— Ете, тие во Солун, поставивте вие луѓе да го направат тоа што го направија за да го оцрните Комитетот (станува збор за Солунските атентати, б.м.).
* „И сега, по последните настани што мислите да правите?“, го прашав. (Се мисли на таканареченото Горноџумајско востание од есента 1902 б.м.)
— Ништо друго освен да ја продолжиме борбата.
* Да, но зар не знаете дека зад таа борба се крие борба подла и нечесна?
— Тоа нас не нè интересира, доволно е да си ја постигнеме нашата цел.
* Значи и со убиства?
— Штом се вршат за доброто на еден народ.
Братство на потомци, врзано со наследството на револуцијата. Го прашавме Трајко дали има контакти со наследниците на другите револуционери бидејќи сепак тоа е мрежа проткаена преку заедничката жртва на нивните предци
– Да, бев во контакт со член на семејството на Гоце Делчев, се видовме неколку пати, а бев и во Кочани три-четири пати каде што зборував пред многу луѓе. Но за жал останатите се починати, раскажува тој.
И последно го замоливме Трајко Карев да прати порака до целата македонска јавност
– Сакам да знаат сите дека како семејство Кареви сме многу, најмногу разочарани што Никола Карев е исфрлен од химната. Во тоа време сите беа војводи, а само еден беше претседател и него да го тргнат? Барав и во Кочани од историчарите да ми објаснат поради која причина Никола е исфрлен од химната, барав одговор и од МАНУ, но не добив ништо освен – молк.
A на крај Трајко воздивна и додаде:
И не, никогаш нема да кажам дека сум Бугарин или Грк, тоа за мене е потчинување. НИЕ СМЕ ЧИСТИ МАКЕДОНЦИ!
Па така затворајќи го овој разговор со Трајко ја привршуваме и оваа репортажа која веруваме ве допре длабоко во срцата и го распали патриотскиот пламен кој тлее во секој еден од нас. Поздравувајќи се со Трајко и со живописното Крушево, ние се разделуваме и од еден свет терен што ги лулка аспирациите на еден народ. Заминувајќи со себе ја носиме инспирацијата извлечена од борбите во славното Крушево, град кој роди не само револуционери, туку и колективен борбен дух кој никогаш нема да биде покорен.
A наследството на Никола Карев не е само ограничено на историски книги, раскази и херојски приказни, тоа живее во самиот етос на Македонија, како вечен потсетник дека дури и во услови на неволја, пламенот на слободата никогаш не може да изгасне. Па така нека овој текст заедно со славното Крушево вечно одекнуваат со звучната химна на народот кој стоеше храбро, борејќи се и врежувајќи ја својата судбина во сржта на времето на една вечна земја – Македонија!