Sign In

Блог

Последни вести
Пирамиди во Македонија – монументални градби или дело на мајка природа?

Пирамиди во Македонија – монументални градби или дело на мајка природа?

Пирамидите се едни од најпознатите градби во историјата. Тие се наоѓаат на различни локации, а се изградени од цивилизациите во повеќе делови од светот. Некои од најпознатите се Црвената пирамида во Дашур, како и Кеопсовата пирамида во Гиза, но во изминатите години често се шпекулираше дека пирамиди има и во Македонија.

Голем дел од пирамидите биле изградени како гробници за фараоните на земјата и нивните сопруги за време на Старото и Средното кралство, а од сателиски слики може да се забележи дека на територијата на Македонија има неколку места на кои се претпоставува дека постојат пирамиди.

Според некои легенди, најверојатно и Александар Македонски со неговата војска преку освојувањето на Египет ги пренесувале нивната култура и знаења на останатите територии со кои владееле.

Босанскиот истражувач Семир Османагиќ е истражувач на мегалитски и пирамидални локации низ светот, а воедно е автор и на 18 книги за древните цивилизации и пирамиди. Тој е пронаоѓач и на Босанските пирамиди и праисториски тунели во Виоко, Босна и Херцеговина.

Османагиќ во мај годинава беше во шестдневна обиколка на важни археолошки подрачја во Македонија и заклучи дека државата е бисер на светската археолошка мапа, а притоа зборуваше за некои важни локации во нашата татковина.

Кокино, според истражувачот Османагиќ, е место во кое луѓето од неолитот пред илјадници години правеле длабнатини на вулканските камења за да можат да го следат движењето на Сонцето.

Истраживачот бил и кај Цоцев Камен во близина на Кокино, за кој вели дека е локација со перфектна ориентација кон четирите страни на светот, додека за Овче Поле вели дека е откриен некој вид на комуникација во времето на неолитот со вцртан знак.

Според информации кои можевме да ги сретнеме на различни форуми, кои датираат од пред десетина години, се вели дека во селото Градиште, Демир Хисар се крие „пирамида“. Обликот на „Тумба Граишка“ (мало ридче) личел на облик на пирамида како тие во Босна и Херцеговина, иако нема никаква потврда за такво нешто.

Уште една локација која се споменува на форумот е во северниот дел на Овче Поле, а станува збор за Острово (Островица), но подетални информации и фотографии од неа речиси и да нема на интернет. Иако еден член на групата тврди постои пирамидата Островица кај Павлешенци, која била пристапна и имало форми налик на камени тронови на врвот, кои веќе биле искршени, најверојатно од диви копачи.

Се споменуваат и други места низ Македонија, како Дебарца, Прилеп, Кучково, Свети Николе и други на чии подрачја наводно има пирамиди, но такво нешто досега никогаш не е докажано од истражувачи. Сепак, дали станува збор навистина за пирамидални градби или истите се креација на мајката природа најверојатно нема да дознаеме во брзо време од страна на истражувачи.