Лесновски манастир – лек за духовен мир, немоќ, проблеми со говор и движење
Лесновскиот манастир, како и селото Лесново, се сместени во згаснат вулкански кратер, а манастирот е и духовно светилиште и синоним на вековното македонско духовно постоење каде што монасите раскажуваат приказни дека светецот живеел во околните пештери.
Легендата вели дека, откако била изградена црквата, Свети Гаврил се повлекол во една ќелија на планината, и тоа на 3,5 часа од Лесновскиот манастир каде што останал последните 30 години од животот.
Црквата е возобновена во 14 век врз старите темели, а од тогаш се и фреските кои биле значително оштетени по Втората светска војна.
Монасите раскажуваат дека една од најголемите православни библиотеки била токму во Лесновскиот манстир, но сите книги биле украдени по балканските и светските војни, а голем дел од ракописите може да се пронајдат низ Европа.

Во минатото во Лесновскиот манастир имало по 300 монаси, а самиот манастир, како и селото се сместени во згаснат вулкански кратер, па поради тоа селото изобилува со пештери.
Богослужбите започнуваат во 6 часот, со полуноќница, утринска служба и света литургија, додека вечерната Богослужба е во 16 часот, а повечерието во 18.30 часот. Во неделите и во празничните денови, службата почнува во 6.30 часот, а во истата учествуваат мажи, жени и детски црковен хор.

Во саботните и неделните денови по завршување на Богослужбата се отвора кивотот со светите мошти на Свети Гаврил, епископ Велички Светогорец и се читаат молитви. Овој светител помага на многу луѓе, кои сведочат за спас од различни болести, меѓу кои се душевни, рак, немоќ, проблеми со говор, движење, како и други.
Постои и приказна за долговечна црница. Во дворот на манастирот се наоѓа и старата црница која опстојува над 660 години. Од коренот се израснати четири гранки во форма на крст, а секоја година дава вкусни плодови од почетокот на јули до крајот на септември.