Еден од најстарите градови на Балканот се наоѓа во Македонија
Сместен во грлото на изгаснат вулкан, на западната страна на Осогово, се наоѓа еден од најстарите градови во Македнија и на Балканот, а тоа е Кратово.
Градот имал повеќе имиња, а а според една од легендите името го добил од зборовите „кират-ова“, односно тврдината на бреговите на Кратовска река, која била урната од Османлиите. Според истражувањата, најстарото име на градот е Кратишкара, а во раниот среден век се нарекувал и Коритон.
По поделбата на Римската Империја, Кратово станува дел од Источната Римска Империја, а градот бил важен рударски центар во кој се тргувало со бакар, сребро и злато. Во градот во минатото имало многу занаетчии, како шивачи, кројачи, самарџии и ковачи кои оставиле белег во ова место.
Кулите и подземните тунели се само дел од атракциите кои ги привлекуваат туристите. Старите камени мостови во Кратово воодушевуваат со нивниот автентичен архитектонски израз, а за нив се кријат голем број легенди и приказни.
Една легенда се крие за Краличина кула, односно кулата на царот Костадин и царицата Елена Дејановиќ, кои имале ќерка Сара. Во моментите кога Турците го нападнале градот и сакале да го заземат, тие никако не можеле да ја разбијат оваа кула.
Турците почнале да гаѓаат со запалени стрели во кулата и успеале да го запалат горниот дел. По нивниот притисок, не останал друг избор, освен Сара да ги фрли клучевите од кулата и да избега преку подземните тунели.
Во градот постојат и други кули, односно 12 средновековни кули се наоѓаат на левата страна на градот, додека пет на десната, а само шест од нив се зачувани додека другите се оштетени, односно најголем дел од нив настрадале за време на Карпошовото востание.
Најстара кула во градот е Златкова кула, а таа воедно е и најбогата, изградена во 1365 година. Името го добива од нејзиниот последен газда Ѓорги Златков, кој ја купува кулата од Асан Ефендија. Истата е изградена од дебели камени ѕидови и има три ката.
Емин-беговата кула е една од најпознатите и висока е околу 13 метри. Таа има три ката, кои се преградени со дрвена конструкција, додека вратата е направена од изделкан камен.
Најважната, највисоката и најубавата кула во Кратово е Смиќева кула, која е изградена во 1370, а во внатрешниот дел има катови, од кои најубав е четвртиот бидејќи има убав поглед на градот.
Во овие кули живееле закупци на рудниците заедно со нивните семејства. Таму имало и чувари кои ги чувале парите, па затоа кулите биле поврзани и со тунели и подземни ходници, а според информациите, истите биле изградени за време на Османлиската окупација.
Еден од влезовите се наоѓа кај Грофчанскиот мост, додека излезот е дури на спротивната страна, односно кај Радин мост, со што можело да се избега во случајн на опасност кон густата шума и во планината.
Радин мост е најпознат во Кратово и висок 23 метри, а воедно се наоѓа над Манцева Река. Според документите од минатото, мостот е изграден во 1833 година од Хавзи-Паша, а вреди да се споменат и Грошчиски мост, Чаршиски, Јоркшиски и Горномалски мост.
Во Кратово има три православни цркви, и тоа „Св. Никола-чудотворец“, „Св. Јован Претеча“ и „Св. Јован кратовски“. Во време на турското владеење градот имал преку 20 цркви, од кои се пронајдени само остатоци.