„Трудното дрво“ во скопско кое лекува неплодност
На околу 40 минути од Скопје, на височините на планината Скопска Црна Гора, се наоѓа манастирот „Света Богородица“, а во дворот има дрво кое личи на бремена жена. Приказната за „трудното дрво“ се случила пред многу години и тоа им помага на сите кои што сакаат, а не можат да имаат деца.
Во дворот на манастирот „Св. Богородица“ седеле тројца мажи, дедо Милош, овчарот и уште еден нивни пријател, по што се појавил човек од Скопје по име Илија. Тој им раскажал дека сонувал како во манастирот се наоѓа бремена жена, но мажите му одговориле дека такво нешто не е возможно затоа што таму има само мажи. Сепак, Илија бил упорен и тврдел дека на ова место има жена која е бремена, по што почнал да бара и го пронашол бременото дрво.
Илија оставил молитва која треба да ја прочитаат сите кои ќе дојдат да побараат помош и објаснил што треба да направат жените кои бараат помош. Најпрво треба да се наполни вода од чешмата во манастирот, а потоа мажот и жената треба да се помолат во него и да ја кажат молитвата. Потоа да ги замијат рацете со водата, да се упатат кон дрвото и таму да го повторат истото. Од кај дрвото треба да продолжат кон својот дом од друга страна, односно да не се вратат по истиот пат до кој дошле до дрвото.
Според приказните од локалното население и домаќините, голем дел од семејствата кои дошле да бараат помош во манастирот и кај „трудното дрво“, сега имаат деца и се враќале да остават подароци во манастирот.
Постои приказна и за дедо Милош, односно еден од мажите кои ги затекнал Илија пред да почне да го бара „бременото дрво“. Тој бил роден во село Кучевиште, а до 21 година бил нем, по што решил да дојде во манастирот каде што почнал повторно да зборува. Сепак, кога го напуштил манастирот, повторно занемел. По тоа решил повторно да се врати и да се грижи за него сè до својот последен здив.