Подарокот на апостол Павле за Македонија: Мистичниот „животен ковчег“ и неговата врска со цар Самоил
Во селото Враништа, струшко, постои црквата „Св. Богородица“ која е во урнатини, а за неа постојат голем број легенди и преданија. Според народна легенда, во првото ѕидање на црквата од рака на рака камењата ги пренесувале околу 5.000 луѓе од струшкото село Заграчани.
Според приказните, црквата „Св. Богородица“ ја подигнал апостолот Павле, кој ги поставил темелите на првиот храм на христијанството на македонско тло, а во црквата се венчавале голем број великодостојници, меѓу кои бил и царот Самоил, па затоа до денес таа се нарекува „кралска црква“.
Меѓу народот постои и верување дека апостолот Павле во близина на Струга закопал една голема тајна, односно ковчегот на животот, т.е. здравјето. Во него имало еден бел камен, голем колку три очи на момче, а тој камен бил еден од трите врз кои капела крвта која истекувала од избушените раце на Исус Христос.
Апостолот Павле на Македонија ѝ го подарил „Ковчегот на животот“ кој бил закопан во светиот објект, каде што Самоил се крунисал за цар. Пред да се круниса, тој во стариот град кај Враништа бил болен, но откако бил донесен на таа локација се излекувал.
Оваа црква е разрушена и останати се делови од олтарниот простор, кои западно се повторно изѕидани со камен. Денешните остатоци претставуваат една мала правоаголна градба, која е покриена со ќерамиди на сите четири страни и во која се влегува од југ.