Лековитите води во манастирот „Св. Кузман и Дамјан“ кои го излекувале Јустинијан Први
Под археолошкиот локалитет Говрлево, во близина на Долно Соње, се наоѓа манастирот „Свети Кузман и Дамјан“, кој е познат меѓу верниците по лековитите води кои извираат во нејзиниот олтарен дел.
Манастирот е изграден во поново време, односно 1936 година, на место каде што извирала вода која им помагала на луѓето да си ги лечат болестите, а една од легендите вели дека уште во шестиот век византискиот цар Јустинијан Први тука го пронашол лекот за својата болест.

Изворот со водата за која многумина веруваат дека е лековита се наоѓа во црквата. Ограден во форма на крст, изворот е лоциран точно во олтарот на православниот храм посветен на господовите лекари Свети Кузман и Дамјан.

На неколку метри од манастирот се наоѓа уште една чешма од која тече „вода за подмладување“, затоа што народот раскажува дека благодарение на водите луѓето најчесто починуваат од старост, а не од некоја болест.
Се верува дека „водата за подмладување“, како што ја нарекуваат селаните, помага при ослабен имунитет, проблеми со видот и со колената, а многумина од тие што ја пиеле, биле чудотворно излекувани.