Sign In

Блог

Последни вести
Од едноставен материјал до уникатно уметничко дело – Luma Handmade

Од едноставен материјал до уникатно уметничко дело – Luma Handmade

Трансформирањето на едноставните материјали во уникатни, персонализирани уметнички дела е нешто што секогаш ја привлекувало Сузана од „Luma Handmade“, па така таа заедно со нејзината ќерка Александра ја насочиле својата страст кон создавање на уникатни креации.

Нејзините прекрасни креации се начин луѓето да внесат убавина во нивните животи, а во интервју за „Гладиатор“ ни го објасни процесот на изработка на нејзините дела. Сузана користи висококвалитетни материјали, без разлика дали станува збор за стакло, скапоцени камења, компоненти за оргонит и други материјали.

Што ве инспирираше да започнете да создавате уникатни украси од различни материјали?

– Од секогаш сум била инспирирана од идејата за внесување на креативност во изработка на секојдневни предмети. Концептот за трансформирање на едноставни материјали во уникатни, персонализирани уметнички дела, било нешто што секогаш ме привлекувало. Без разлика дали станувало збор за рачно насликано стакло, изработка на оргонит, прстени изработени со техниката популарно позната како „wire wrapping technique“, рачно изработени дрвца од жица со полудраги камења, или глицерински сапуни, секој производ ми дозволувал да ја насочам мојата страст за создавање на нешто уникатно. Овие креации се начин луѓето да внесат убавина во своите животи, а среќата кога гледате како некој го вреднува вашиот производ, е чувство што не може да се опише и што ве тера да одите напред, вели Сузана од „Luma Handmade“.

Можете ли да го објасните процесот на рачно цртање на стакло, материјалите и техниките што ги користите?

– Tешко е да се опише целиот процес на сите производи во неколку реченици, но ќе се обидам. Прво, секогаш започнувам со висококвалитетни материјали, без разлика дали се работи за стакло, скапоцени камења, компоненти за оргонит или тип на глицерин, секој внимателно избран заради своите уникатни квалитети.

Оргонитот ние го нудиме во три форми: личен привезок, во форма на пирамиди или во форма на подметнувачи. Без разлика дали работам на привезоци, пирамиди или подметнувачи, секогаш на почетокот се меша смола со метални струготини и кристали. За да добиеме оргонит, во својот состав мора да има кварц, а останатите кристали е работа на личен вкус. Сето тоа се соединува во калапи за да се добие посакуваниот облик, и се чека најмалку 24 часа за смолата да се исуши. Кога сум сигурна дека смолата е целосно сува, внимателно се струга готовиот оргонит за да се измазни.

Кога станува збор за прстените и дрвцата, користам посебна техника за виткање на жица за добивање на посакуваниот дизајн. Оваа техника, за жал, кај нас нема конкретен превод, но е најчесто позната како „wire wrapping technique“. Жицата се комбинира со полудраги камења или кристали, како што е аметист, корал, кварц, тиркиз, ахат, итн. Секој кристал има посебно значење и зрачи со посебна енергија.

За рачно насликано стакло, користам специјализирани бои и четки, а останатото е моментална инспирација. Тоа што е важно да напоменам е дека откако бојата ќе се исуши, готовиот производ треба внимателно да се пече на одредена температура, за да бидеме сигурни дека бојата нема да се извади. Тука морам да напоменам дека ќерка ми Александра е таа која што е навистина стручна за цртањето. Со години создава различни уметнички дела од стакло, а во последно време омилен производ за цртање и се чашите и шољите за кафе и чај.

Сапуните се нашиот последен додаток во палетата на производи што ја нудиме. За нивна изработка, користам глицерин, природни бои кои не ја иритираат кожата и природни етерични масла. Сите овие состојки се мешаат заедно и се ставаат во посебни калапи, и повторно, чекаме сапунот да се исуши, открива Сузана во интервју за „Гладиатор“.

Дали би можеле да ги опишете предизвиците и сложеноста на работата со стакло?

– Еден заеднички предизвик при изработка на сите овие производи е потребата за прецизност и внимателност. Кога работите со стакло, постои постојан ризик од кршење, па затоа потребно е внимателно ракување, особено за време на процесот на печење и пакување на готовите производи.

За оргонитот, од суштинско значење е правилно да се измешаат смолата, металните струготини и кристалите, и постигнувањето на вистинската рамнотежа помеѓу овие материјали може да биде понекогаш комплицирано.

За производите од жица, во овој случај прстените и дрвцата со полудраги камења, потребно е жицата вешто да се витка за да се зацврстат полудрагите камења и да се создаде визуелно привлечен производ.

Постигнувањето на вистинската текстура и конзистентност кај глицеринските сапуни може да биде предизвик, како и тоа да се постигне посакуваниот мирис кој што е важен атрибут при изработката на овој производ.

Но без разлика на сè, надминувањето на овие ситуации е дел од процесот на создавање, нешто што го прави секој производ уникатен на свој начин, потенцира таа.

Дали имате омилено парче што сте го создале?

– Тешто е да се избере омилено парче, особено што омилените брзо се продаваат. Од стакло, омилени ми се чашите за вино што Александра сама ги направи за сопствената свадба. Од дрвцата, имам дома едно дрвце со кристал наречени аметист што го направив лично за себе и не го продавам. Од омилените прстени, исто имам прстен со розев кварц што го носам само при посебни прилики, додека пак од оргонитите, пирамида што ја изработив за пријатели за подарок пред неколку години. Од сапуните, сите ги сакам. Дома исклучиво си ги користам нив, но бидејќи тоа е производ што се троши, секогаш си правам нови, така да тешко ми е да потенцирам еден.

Кои пазари или платформи ги користите за да ги продавате вашите рачно нацртани стаклени украси?

Порано имавме продавница во Центар зад Универзална Сала, но по некое време ја затворивме од практични причини. Кога имате ваков тип на работа, потребно ви е голем простор, односно работилница. Продавницата беше мала, а и за изработка на оргонитот ви се потребни посебни услови, особено што смолата има силен мирис додека е во течна форма. Сето тоа некако беше непрактично, и затоа воочивме дека можеби е подобро да се држиме до социјалните медиуми (во нашиот случај тоа се Инстаграм и Фејсбук) и настаните кои што се одржуваат низ цела Македонија, како што се на пример базарите за рачна изработка во Градски Трговски Центар, или денови на занаетчиството во Скопје Сити Мол и уште многу други на кои сме редовни учесници, кажа Сузана.

Гледајќи напред, дали имате планови за проширување на овој мал бизнис?

– Не би сакала да звучам песимистички, но после долги години работа, нешто што имам забележано е дека во Македонија рачната изработка навистина ретко се цени. Луѓето сакаат нешто брзо, одма, сега, веднаш, за ниска цена и тоа што редовно се борам е да им објаснам дека за рачна изработка е потребно време, но секогаш ќе имате нешто свое уникатно со секој купен производ. Но без разлика на ова, сакам да гледам напред и да размислувам дека во иднина овој мал семеен бизнис ќе продолжи да функционира и дека луѓето со тек на време ќе разберат дека кога купуваат производи кај нас, не купуваат само обичен прстен или украс, туку купуваат нешто изработено со многу љубов и внимание, нешто што некој дури можеби и не спиел навечер само за да го направи како што вие сакате да изгледа. Се надевам дека можеби во иднина ќе внесам нови техники за изработка на овие производи, па ако условите дозволат, можеби и ќе имаме соработка со некои познати брендови каде што ќе можете да најдете дел од Лума таму, вели таа.

Фантастичните изработки на Сузана и нејзината ќерка Александра може да ги пронајдете и нарачате ТУКА.