Sign In

Блог

Последни вести
Изработка на вашите соништа – откријте ги персонализираните подароци на „Алегра“

Изработка на вашите соништа – откријте ги персонализираните подароци на „Алегра“

Рачно изработените персонализирани предмети не се генерички производ, туку подарок кој го нема никој друг, кој е изработен токму за вас и на чија изработка е посветено огромно внимание и љубов при создавањето. Тоа е креација во која се преточени трудот и времето на креативецот.

„Алегра“ нуди уникатен спој од графички дизајн и рачни изработки. Во изработката на персонализиран подарок вложуваат огромно внимание и љубов сè додека не се добие конечен производ изработен по желба на клиентот.

Сања од студиото „Алегра“ во разговор со „Гладиатор“ ни откри како се родила идејата за ваков мал бизнис. Таа од мали нозе имала желба да создава и истражува, а во текот на годините цртала животни, пејсажи и растенија, по што се насочила кон апстракции.

Од каде идејата за ваков мал бизнис?

– Од малечки нозе постоеше желба во мене да создавам и да истражувам, во текот на годините обожував рачно да цртам животни, пејзажи, растенија, а во тинејџерските години се насочив на апстракции.  Исто така од секогаш ме интересирала и работата со раце, било што каде што има креирање. Во средна школа изучував природно математичка гимназија каде насоченоста беше на природните науки, математика и информатика, и од тука се разви и желбата за работа со компјутери. Спојот на двете љубови, технологијата и креативата се случи на Машинскиот факултет при одделот Индустриски дизајн, па од таму се насочив и кон она што го работам сега, односно графички дизајн преточен во уникатни рачни изработки, ни открива Сања.

Кои критериуми ги користите за да ја обезбедите уникатноста и квалитетот на вашите прозиводи? 

– Оригиналните идеи и постојаната желба за креирање нови работи се она што е двигател на еден ваков мал бизнис. Мора постојано да се смислуваат нови креации и секако да се усовршуваат и надградуваат веќе постоечките идеи, со цел да се задржи и одржи оригиналноста на изработките. Секако, да не заборавиме дека покрај оној убавиот дел кој начесто го перцепираат луѓето, односно дизајн и креација, мора да се посвети и огромно внимание на техничкиот аспект, односно употребата на квалитетни, а сепак не прескапи материјали, потоа техники на побрза, но сепак квалитетна изработка, со цел да се постигне трката со времето, но и да се задржи квалитетот на продуктот. Од тука произлегува и постојаното истражување на пазарот, особено во нашата земја каде сите креативци добро знаат дека е навистина тешко да се најде добар извор за континуирано снабдување на материјалите кои се потребни за изработките, вели таа.

Рачно изработените и персонализираните подароци често имаат посебно значење. Како мислите дека овие уникатни производи придонесуваат за незаборавни моменти и посебни прилики во животот на луѓето? 

– Луѓето едноставно се воодушевени, за дел од нив рачните изработки се веќе добро познати и нарачуваат во континуитет, а за останатиот дел се ново откритие, и радоста како и изненаденоста може да се види на сечие лице. Секако, да нагласиме дека зборуваме за публика која навистина има интерес за вакви изработки. Рачно изработените и персонализирани подароци навистина имаат посебно значење, бидејќи во нив е преточен личен момент со кој луѓето се поврзуваат едни со други. Покрај тоа што се изработува нешто уникатно, конкретно за клиентот кој нарачува, нешто во кое се преточени идејата и креативноста инспирирани од намената и пригодата, тука се сретнуваат и лични емоции, поврзаноста помеѓу клиентот  кој нарачува и оној кој го добива подарокот, и затоа често знаеме да добиеме повратен фидбек каде ни велат дека подарокот бил примен со воодушевување, со присуство на наплив од емоции, а во одредени случаи дури и придружено со солзи радосници. Од тука радоста и желбата да се продолжи со создавање нови креации, бидејќи индиректно стануваме дел од животите на луѓето, и радосни сме што можеме да придонесеме за создавање убави и среќни моменти во нечиј живот, потенцира Сања од „Алегра“.

Дали има одредени теми, естетика или вредности што сакате да ги пренесете преку вашите производи?

– Секако, на свој начин се трудиме да пренесеме квалитети и ценење на  секој момент од животот,  и порака дека не секогаш е потребна посебна пригода за да му го направите некому денот убав, сето тоа може да се постигне и со ситница која не чини премногу, а сепак премногу значи. Од тој аспект имаме широк спектар на изработки, од пониска до повисока цена, зависно од пригодата и потребите. Со едноставниот, чист и софистициран дизајн сакаме да избегнеме пренатрупаност и угушување на идејата, односно пораката која треба да се пренесе. Целиме кон едноставност и модернизам, секако во согласност со моменталните побарувања и желби на клиентите. Едноставните и стилски изработки, прават една преубава и сложена на позитивен начин, заедничка композиција, кажа таа во интервју за „Гладиатор“.

Во светот на масовно производство и комерцијализам, на што гледате како најзначајната вредност на рачно изработени и персонализирани производи?

– Како што напоменавте, „масовно производство и комерцијализам“, токму спротивноста на тоа е една од најзначајните вредности на рачно изработените персонализирани подароци. Бидејќи рачно изработените персонализирани производи не се генерички/фабрички производ, туку подарок кој го нема никој друг, кој е изработен токму за вас, нешто на кое е посветено огромно внимание и љубов при изработката, креација во која се преточени трудот и времето на креативецот, нешто што е создадено од неговиот ум и неговите раце. Накратко кажано, секој креативец преточува дел од себе и своето битие во секоја изработка која ја создава, а тоа е нешто бесценето и безвременско, раскажува таа.

Дали би можеле да споделите неколку примери на уникатни, персонализирани подароци од вашата колекција? 

– Ова е навистина тешко прашање, но ќе се потрудам да издвојам неколку примери на персонализирани подароци кои ги изработувам, со цел поприродно и поедноставно да се допре до публиката. Прво да напоменам дека изработувам креации за сите возрасти, од подароци за новороденче, па сè до родендени на повозрасни личности (над 80 год.), пензионирање и сл. Значи, има подароци за секоја возраст и за секоја пригода. Негувам навистина широк асортиман на креативни изработки, и секоја изработка е со дизајн и порака по барање на клиентот. Вообичаено клиентот доаѓа со желба, идеја, замисла, а на нас останува начинот на реализација и креацијата. Но, неретко има и клиенти кои сакаат нешто, но не можат да вербализираат и прецизираат што, па на нас останува целиот идеен и креативен процес. И во двата случаи, важно е прво ние да сме задоволни со крајниот резултат, за потоа да можеме да го презентираме и на клиентот, па и ним да им се допадне.

Конечно доаѓам до одговорот на вашето прашање, односно да издвојам неколку примери на персонализирани рачни изработки: 3Д персонализирана честитка за честитање на брак, 3Д рамка за добредојде бебенце (со податоци од раѓање и простор за алки), сет порцелански шолји за идни мама и тато (Daddy to be и Mommy to be), персонализиран сет од шише за вода и кожен привезок со мотивирачки пораки за љубител на планинарење, 3Д свадбена рамка за банкноти, сет беџови за годишнина од матура (генерација 2008) Другарството е незаборавно.

Верувам дека овие неколку изработки се повеќе од доволно да се долови концептот, стилот и начинот на креирање кои ги негувам и енергијата која сакам да ја пренесам, посочи Сања.

Како некој длабоко вклучен во светот на рачно изработени и персонализирани подароци, каков совет би им понудил на поединци кои бараат совршен подарок за некоја посебна пригода? 

– Македонија за разлика од пред 10-тина години има веќе добро развиен креативен свет, односно има голем број креативци занаетчии, па едноставно сакам да нагласам за сите оние кои бараат совршен и уникатен подарок дека повеќе не треба да бараат надвор од границите, туку дека имаме огромен спектар на изработки и кај нас, само треба да нè побараат на домашно – локално ниво и да бидат пријатно изненадени. Навистина има изработки од секаков тип, не зборувам само за моите изработки, туку општо. Едноставно неверојатно и пријатно изненадувачки, дури и за мене како креативец. Веќе сме во чекор со светските трендови, и тоа навистина ме радува, вели Сања од „Алегра“.

Гледајќи напред, кои се вашите планови за иднината во однос на проширување на вашата колекција и промовирање на вашата работата?

– Овде ќе бидам кратка и прецизна, во моментов имам регистрирано само работилница, но огромна желба ми е да имам креативно студио односно изложбен простор каде ќе можат клиентите да наминат и да ги погледнат на лице место изработките, а доколку сакаат нормално и да си купат некоја веќе однапред подготвена изработка. Покрај тоа во тек е изработка и на е-продавница, која се надевам дека ќе биде завршена во наредните неколку месеци. Во однос на промоција, со развојот на технологијата сметам дека од големо значење е активноста на социјалните медиуми и следење на маркетинг трендовите во моментот со цел да се допре до пошироката публика, ни откри таа.

Доколку сте заинтересирани за нејзините креации и сакате со уникатен подарок да изненадите некој ваш близок, тогаш може да нарачате ТУКА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *