Sign In

Блог

Последни вести
„Шарената приказна“ на македонскиот уметник Вељо го освои светот – уникатните изработки ги има во повеќе од 100 држави

„Шарената приказна“ на македонскиот уметник Вељо го освои светот – уникатните изработки ги има во повеќе од 100 држави

„Шарена приказна“ е проект на прилепскиот уметник Вељо Лучески, кој започна во 2015 година и со огромна брзина стана популарен во Македонија, регионот, но и целиот свет затоа што неговите изработки може да се најдат на сите континенти на планетава, односно во повеќе од 100 земји.

По осум години од неговиот почеток, интересот за неговите уметнички дела расте сè повеќе, а Вељо во разговор со „Гладиатор“ раскажува како се родила идејата да почне со „Шарена приказна“ која воодушеви многумина.

– Шарената приказна се роди во 2015 година. Од еден случаен поглед на слика изработена од стакло со сличен мотив на излог во едно туристичко место надвор од Македонија. Денес по осум години прерасна во своевиден бренд со своја препознатливост, во една успешна шарена приказна, но во овој случај наместо стакло елементите се парчиња дрво во 3Д техника, ни раскажа Вељо.

За изработка на уникатните уметнички дела користи отпадни материјали од дрво на кои ја пренесува својата имагинација. Потребното време за изработка на една помала 3Д слика е еден час, додека на некои од своите креации поминува и по неколку дена.

– Дрвото е основниот материјал од кои се изработени сликите, а најчесто се користи отпадокот од столарските работилници кои јас ги склопувам во една целина на мое задоволство и на огромниот број на купувачи. Парчињата дрво се обоени со силни нијанси акрилна боја која го привлекува вниманието. Основата на која најчесто се поставени куќарките е миено дрво, дрво кое го исфрла водата на брегот на почетокот собирано по брегот на Дојранското езеро, а сега последните две години тоа е дрво исфрлено од морските води по бреговите во Грција. Потребното време за изработка на една слика зависи од форматот, димензиите, па се движи од еден час до неколку дена за поголемите формати кои се нестандардни и ги изработувам само по нарачка, открива уметникот.

Прилепскиот уметник инспирација најмногу пронаоѓа од приморските и езерските градови, а во последно време голем интерес има и за дела во кои доминира месечината и светликавите ѕвезди.

– Инспирацијата најмногу ја пронаоѓам кај приморските и градовите покрај езерата, таквите мотиви доминираат вешто измиксани од шарени населби во некои од градовите во светот. Во последно време одлично поминуваат ноќните мотиви каде доминираат месечината и светликавите, флуоросцентни ѕвездички кои светат во темно. На мое огромно задоволство постои огромен интерес за овие слики кои каде и да се појавиме изнудуваат восхит и насмевка кај луѓето. Интересен е податокот дека слики од Шарена приказна имаат отпатувано на сите континенти во светот, во преку 100 држави каде што красат некој дом, канцеларија, ординација, потенцираше Лучески.

Вељо од „Шарена приказна“, освен 3Д слики, се занимава и со изработка на други сувенири, како магнети кои се едни од најкупуваните на туристичките места.

– Да, освен сликите, дел од Шарена приказна е и рачната изработка на магнети од дрво, како еден од најкупуваните сувенири на туристите на патувањата. Ги изработувам во повеќе од десетина различни форми и дизајни сите мои авторски и единствени. Кај магнетите доминираат охридските мотиви затоа што генерално пазарот на магнетите и сликите е во летната сезона во Охрид. Секако дека има мотиви и од други градови по порачка, како и магнети куќари како продолжение на сликите кои исто така мамат погледи и интерес, кажа прилепскиот уметник.

Уметникот ги изработува сите дела со голема љубов и посветеност, па тешко е да се оддели омилена фотографија, иако потенцираше дека една од нив му е посебно мила.

– Како автор или изработувач на овие слики тешко е да се каже дека некоја е омилена, затоа што секоја е изработена со љубов и внимание, па тешко дека некоја би одделил како фаворит, но еве, ако веќе треба да се определам за некоја, тоа се оние големите нестандардните формати каде што најмногу доаѓа до израз идејата и мотивот, изработката и деталите (погледни фотографија подолу), открива Вељо за „Гладиатор“.

Интересот за делата на уметникот од „Шарена приказна“ е огромен, па неговите изработки може да ги пронајдете на различни места во државата, но и на интернет.

– Изработките на Шарена приказна генерално можат да се најдат на штандови на отворено, улична продажба, затоа што визуелно на тој начин најдобро може да се долови убавината на 3Д техниката. Во пролет и есен, претежно сме во Битола на Широк сокак, во летната сезона во Охрид, а во Скопје редовно нè има како учесници на базари организирани од занаетчиската комора во ГТЦ (предновогодишен, осмо мартовски, како и есенски базар), а понекогаш и во другите молови. Се разбира дека можат да се порачаат и преку социјалните мрежи каде имаме своја официјална страница под името „Шарена приказна Вељо“. Тука сакам да додадам дека сме во потрага на локал на атрактивна локација во некое од претходно наведените места, градови, каде се продаваат сега сликите, па се надевам дека во блиска иднина ќе може да се пофалиме и со таков момент, ни раскажа Вељо.

Доколку сте заинтересирани за уникатна уметничка изработка, тогаш може да си направите нарачка ТУКА.