Од бесконечна игра со сребрена жица до ремек-дело: Светлана ја преточува својата фантазија во накит
Секое парче накит носи своја приказна, а понесена од геометриските форми и природата, Светлана Ивановска од „Арт Студио С“, создава софистициран накит направен од различни материјали и технички.
Светлана водена од својата имагинација со сето трпение, умешност и креативност создава еден посебен свет од сребрена жица. Во секое нејзино парче накит може да се забележи љубовта и инспирацијата, но и квалитетната изработка.

Со бесконечната игра со сребрената жица таа создава уметност која е пресликана од нејзината фантазија. Сепак, таа првите чекори кон усовршување на овој занает ги направила уште во детството, кога почнала да изработува накит со моделирачката смеса модурит.
– Идејата за создавање на накит е од детството кога за прв пат се сретнав со моделирачка смеса модурит, која лесно се моделираше и обликуваше, и за да добиете финален производ се вареше во топла вода. Првите парчиња накит ми беа навистина во детството од модурит, а потоа од глиномол на кој многу експериментирав со текстури и бои, открива Светлана.
Инспирација за изработка на накит може да се пронајде на секој чекор. Светлана за „Гладиатор“ вели дека најмногу ја интересираат различни облици од природата, посебно на цветовите и ги изработува со најразлични материјали.
– Инспирација имате на секој чекор. Просторот кој ве опкружува нуди многу. Мене ме интересираат дефинитивно форми и разновидни облици, посебно на цветовите. Доволно е да ја набљудувате природата и ќе видите многу. Немам конкретно само еден материјал што го употребувам. Најискрено не сакам унифицираност и затоа користам микс од материјали, но во поголем дел од парчињата е присутна жицата која може да биде бакарна, месингана или алуминиумска, објаснува Светлана.

Светлана накратко ни го опиша и процесот на создавање на едно парче рачно изработен накит, за кој потребно е прво да имате замисла, а потоа да ја преточите во дело.
– Јас не правам скици на хартија веќе подолго време, туку скицата ми е секогаш во глава. Ја земам жицата, се создава основата која се витка, да нагласам, само со раце, а потоа тоа се обработува. Се турпија со различи турпии, шмиргли за да добиете глатко и мазно парче. Потоа следат комбинациите со употреба на потенки жици, разновидни камчиња, перли и слично сè додека не добиете финален производ, раскажува таа.
Предизвик претставува секоја нова изработка на накит, но таа веќе со години успешно работи и создава софистициран накит.
– Предизвик е секое ново парче, дали ви е успешно, дали ќе му се допадне на некој и дали ќе може да најдете купувач за истото. Порачки правам секако ако можам да одговорам на барањето на клиентот, вели Светлана.
Секое уметничко дело носи своја приказна, а накитот на Светлана, кој не е секојдневен, го носат многу жени во Македонија.
– За мене секое парче е приказна и не можам да издвојам. Секое парче треба прво мене да ми се допадне, па потоа на останатите. Имам многу омилени парчиња и сум горда што истите ги носат жени кои навистина знаат како да го носат мојот накит, кој слободно ќе кажам дека не е секојдневен и е малку специфичен, ни открива Светлана.

Интерес за рачно изработен накит во Македонија постои, а во нашата земја веќе имаме квалитетни дизајнери, меѓу кои е и Светлана.
– Мислам дека има. Јас велам дека купувач има за секоја роба, па така и со накитот. Сепак, мислам дека секоја жена сака нешто посебно и уникатно. И со право ќе кажам во нашата земја имаме прекрасни и квалитетни дизајнери кои создаваат рачно изработен накит, вели таа во интервјуто за „Гладиатор“.
Па така како што нашето интервју се приближува кон крајот, ве оставаме со извонредната таписерија на креативност и изработка што го дефинира светот на рачно изработен накит. Тоа е царство каде инспирацијата добива форма, а уметноста го наоѓа својот глас во секое прецизно изработено парче. Во секоја прецизно обликувана жица и секој скапоцен камен со љубов поставена, се крие приказна која чека да биде споделена бидејќи рачно изработениот накит го надминува обичното, поканувајќи ве да прифатите не само додаток, туку уметничко дело кое резонира со вашата индивидуа.
Нашиот разговор со оваа надарена занаетчика понуди поглед во срцето и душата на занаетот, каде што секој детал е доказ за трајниот дух на креативноста и длабоката убавина на рачно изработеното.
А вие доколку сакате да ја изненадите вашата најмила личност или сакате да си купите уникатно парче накит изработено од вештите раце на Светлана, тогаш тоа може да го направите ТУКА.
Искористени фотографии од NOVA International Schools