Sign In

Блог

Последни вести
Брајчино

Брајчино

Брајчино се наоѓа во областа Долна Преспа, оддалечено е 6 километри од Преспанско Езеро и 32 километри од Ресен, околу селото идилично се издигнуваат повеќе планински врвови со над 2000 метри надморска висина. 

Брајчино се наоѓа во средишниот дел на живописната Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало, од нејзината лева страна, и на Долно Маало, на нејзиниот десен брег. A Брајчинска Река воодушевува со својот постојан водотек и кристално чистата вода. 

Ова село претставува добар пример за примена на екотуризмот во регионот на Преспа бидејќи ги сочувало традиционалните обележја. Брајчино е царство на традиционални преспански јадења, но и уникатен ликер од шумско овошје и уште многу неверојатни понуди кои ги има само овде. 

Она што најмногу ќе ве фасцинира во ова село е автентичната селска архитектура која потекнува од 19 век, но постојат и многу модерни куќи. Особено оставаат впечаток средените селски улици, а на секој нивни агол се поставени патокази, обоени во разни бои – секоја со свое значење. Патеките на културно наследство, обележани со црвено и сино-бела боја, ги водат туристите на прошетка до петте цркви и манастирот крај селото, кој потекнува од 16 век. 

Сепак, најраздвижено и највесело во Брајчино е секоја година на 8 август кога се слави празникот Света Петка, бидејќи тогаш голем број луѓе доаѓаат во селото и се одржуваат Брајчински средби. 

Но, се додека не го посетите ова многувековно село, нема да дознаете колку кристално чист, свеж и лесен може да биде воздухот.